Претрес во домот на шефот на кабинетот на Зеленски – НАБУ води истрага за голема корупциска шема
28/11/2025 12:19
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, потврди дека истражители од НАБУ и Специјалното обвинителство за борба против корупција извршиле претрес во неговиот дом. Тој истакна дека целосно соработува со органите и дека истражителите имаат непречен пристап до станот, а неговите адвокати биле присутни за време на акцијата.
Според НАБУ, претресот е дел од истрагата наречена „Мидас“, која ја разоткрива најголемата корупциска шема во украинскиот енергетски сектор во последните години. Истражителите документирале активности на високоорганизирана група која влијаела врз работењето на државни компании, меѓу кои и „Енергоатом“, преку перење пари и нелегално богатење.
Како главен организатор е посочен бизнисменот Тимур Миндич, поранешен партнер на претседателот Володимир Зеленски. Скандалот веќе резултираше со оставки на министерот за правда Герман Галушченко и министерката за енергетика Светлана Гринчук, чии имиња се појавија во истрагата.
Истрагата продолжува.





