65.000 прекршоци за 12 саати: Safe City детектирал огромен број прекршоци првиот ден
01/12/2025 17:36
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посети централниот објект каде што е сместен системот „Безбеден град“ (Safe City), по повод стартот на пробниот период во кој возачите ќе добиваат известувања за регистрирани сообраќајни прекршоци.
Со најновите измени во Законот за безбедност на сообраќајот, снимките од камери, сензори и други технички уреди се признаваат како целосно валиден доказ. Во првата фаза системот ќе евидентира четири типа прекршоци: пречекорување брзина, минување на црвено светло, возење со истечена сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната етапа се предвидува проширување на листата.
Во првите 12 часа од пробното функционирање на системот беа регистрирани неверојатни 65.000 прекршоци од кои за поминување на црвено светло 2800 и нерегистриран автомобил 1000. Оваа алармантна бројка уште еднаш ја потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од кој очекуваме значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата.
Кога Safe City официјално ќе започне со целосна примена, сопствениците на возила за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС порака и е-пошта со линк за преземање на записник и платен налог. Плаќањето ќе може да се изврши електронски, а навремената уплата ќе ги елиминира дополнителните трошоци. За прекршоци за кои е предвидена и забрана за управување, МВР ќе испраќа барање до надлежен суд.
Од Министерството најавуваат дека тестирањето и унапредувањето на системот продолжуваат, со цел Safe City целосно да профункционира во наредната фаза и значително да ја подобри безбедноста во сообраќајот.



