Владата ја усвои иницијативата за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски
09/12/2025 21:17
Владата на денешната 134. седница ја усвои иницијативата за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, информираше портпаролката Марија Митева на вонредна прес-конференција. Процедурата, која беше привремено стопирана поради изборниот период, продолжува согласно законските одредби.
Митева истакна дека причините за оваа иницијатива биле јавно образложувани во повеќе наврати, а владината цел останува јакнење на правната држава и заштита на институционалниот интегритет.
Според член 88 став 1 од Законот за јавно обвинителство, а по добиено мислење од Советот на јавни обвинители, Владата му предлага на Собранието да го разреши Коцевски поради сериозни пропусти кои, како што се наведува, ја нарушиле ефикасноста и функционалноста на институцијата.
Меѓу утврдените повреди се наведуваат:
-
неовластено споделување информации и податоци од судски предмети, спротивно на законските одредби за тајност на постапките;
-
нарушување на угледот на Јавното обвинителство и на сопствениот професионален углед;
-
непостапување согласно Уставот, законите и меѓународните договори;
-
предизвикување сериозно нарушување на интегритетот и функционалноста на обвинителството, иако токму јавниот обвинител е одговорен за организацијата и работата на институцијата.
Митева нагласи дека со ваквите постапки Коцевски ја прекршил својата должност за зачувување на угледот на функцијата, како што е пропишано во член 82 од Законот за јавно обвинителство.
На крај, Владата официјално му предлага на Собранието да го разреши Љупчо Коцевски од функцијата јавен обвинител на Република Македонија.



![Зaпoчнyвa oпepaциjaтa “Cмeнa нa Русковска”, eкc oбвинитeл oд СЈО глaвeн кaндидaт зa нacлeдник vilma-Ruskovska-696x487[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/vilma-Ruskovska-696x4871-1.jpg)
