MKinformer

your daily dose of news

До 20 000 Фунти по мигрант? Нови тврдења од Британија во спротивност со владините деманти

09/12/2025 0:04

И покрај повторените деманти од македонската Влада и изјавите на политичари од владеачката партија, меѓу кои и Антонио Милошевски, британските медиуми секојдневно објавуваат нови информации кои одат во спротивна насока и сериозно ги доведуваат во прашање официјалните тврдења дека не постои договор за прифаќање мигранти од Обединетото кралство.

Најновите детали ги објави британскиот весник „Дејли Експрес“, кој наведува дека Македонија покажува претпазлив и прагматичен пристап кон можниот договор, за разлика од други балкански држави како Албанија и Босна и Херцеговина, кои одбиле да се вклучат поради ограничени капацитети и заштита на сопствените национални интереси.

Според „Експрес“, македонската Влада бара безбедносни гаранции и конкретни инвестиции како предуслов за соработка, што укажува на чувствителноста и дипломатската сложеност на ваквиот аранжман.

Она што дополнително ја подгрева јавната дебата е тврдењето дека Велика Британија би ѝ исплаќала на Македонија до 20 000 Фунти по депортиран мигрант, во рамки на новиот модел на таканаречени „повратни центри“.

Целта на овој модел, според британските извори, е забрзување на депортацијата на лица кои немаат право на престој во Обединетото кралство и кои не можат да бидат вратени во своите матични држави од правни или практични причини.

Наводно, финансиската шема е замислена да ги покрие трошоците за престој на мигрантите во земјите приматели и да делува како дополнителна мотивација за прифаќање на договорот, кој најпрво би се реализирал во пробна фаза.

Инсајдерски информации, на кои се повикува „Дејли Експрес“, наведуваат дека договорот со Македонија би бил прв од ваков тип за Велика Британија и би означувал значајна промена во политиката за справување со миграцијата, со процесирање и задржување на мигранти надвор од британска територија, по модел кој веќе бил тестиран во други европски земји.

Сепак, и покрај секојдневните објави во влијателни британски медиуми, македонските институции продолжуваат со деманти, без да дадат јасни одговори зошто приказните од Лондон упорно се повторуваат и надградуваат.

Токму оваа контрадикторност ја зголемува недовербата во официјалните изјави и отвора сериозни прашања за транспарентноста и вистинската содржина на можните договори.

error: Содржината е заштитена од копирање !!