99 милиони денари за првиот мултифункционален центар во Аеродром
10/12/2025 20:13
Градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска извршија увид во градежните активности за целосна реконструкција и уредување на првиот мултифункционален центар во населбата Ново Лисиче.
Станува збор за проект кој треба да прерасне во современо културно и социјално средиште, каде жителите на Аеродром и пошироко ќе можат да посетуваат концерти, театарски претстави, кино-проекции, изложби, конференции и други културни и едукативни настани.
Градоначалникот Митески истакна дека со реализацијата на овој проект, Општина Аеродром за првпат добива модерен и инклузивен простор наменет за култура, креативност и заеднички развој на локалната заедница.
Реконструкцијата опфаќа околу 1.500 квадратни метри, а за првата фаза од проектот Општината обезбеди 99 милиони денари, средства добиени преку јавниот повик на Владата.
Премиерот Мицкоски по увидот во текот на работите нагласи дека реконструкцијата практично создава нов современ објект, кој ќе има значајна додадена вредност не само за Општина Аеродром, туку и за целиот град Скопје.
Според проектното решение, новиот мултифункционален центар ќе располага со главна сала со над 240 седишта, вклучително и посебно обезбеден ред за лица со попреченост, фоаје, бифе, како и едукативни простории и работилници. Предвидена е и изградба на лифт, со што објектот ќе биде целосно пристапен за сите категории граѓани.
Министерот за култура и туризам Љутков посочи дека по целосното завршување, центарот ќе биде вклучен во мрежата на објекти за Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година, со што ќе добие и пошироко регионално значење.
Од Општина Аеродром порачуваат дека остануваат посветени на развој на нова инфраструктура која ќе го унапреди квалитетот на животот на жителите на општината, но и на сите граѓани на Скопје.






