MKinformer

your daily dose of news

Мицкоски против протестите за Хаг, но дали индиректно ја легитимира УЧК?

10/12/2025 17:06

Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, денеска повтори дека Владата нема да го поддржи протестот во скопскиот регион поврзан со судењето на поранешните лидери на ОВК (УЧК) пред Специјалниот суд во Хаг.

Мицкоски оцени дека одлуката на Изет Меџити да го поддржи протестот не е добра и ја припиша на политички калкулации.

„Би било добро да го прашате Меџити за ова. Владата нема да го поддржи протестот, но ќе работиме да се осигураме дека ќе помине мирно, без инциденти. Сметам дека неговата поддршка е резултат на притисок од организаторите и страв од губење политички поени, што е погрешно“, изјави премиерот.

На прашањето дали ќе има апсења на лица кои се барани од Србија и дали постои некаков договор со Косово, Мицкоски негираше каков било политички или неполитички договор, посочувајќи дека, според него, протестите се инструмент за мобилизација на гласачкото тело на ДУИ.

„Јасно е дека некој се обидува да мобилизира на овој начин. Жалам што има политички актери кои отворено го поддржуваат овој процес и сметам дека тоа не требаше да се случи, но тоа е нивна одлука“, рече Мицкоски, додавајќи дека Владата ги информирала и стратешките партнери со цел протестите да поминат без инциденти.

Сепак, токму ваквиот институционален и дипломатски тон на изјавите отвора чувствително прашање во македонската јавност: дали со ваквиот пристап Владата индиректно ја „валoризира“ ОВК како легитимна воена формација, наместо како паравоена структура која во 2001 година учествуваше во вооружени напади врз македонските безбедносни сили?

Иако премиерот формално се дистанцира од протестите, за критичарите останува дилемата зошто државниот врв избегнува појасно да ја нагласи историската и безбедносната димензија на дејствувањето на УЧК во Македонија и регионот. Отсуството на јасна политичка и вредносна линија, според нив, може да се протолкува како тивка нормализација на наратив што е во судир со официјалниот став на државата по конфликтот од 2001 година.

Во земја која сè уште ги носи последиците од вооружениот конфликт, ваквите пораки не се само прашање на дневна политика, туку и на колективна меморија, државен интегритет и односот кон жртвите од тој период.

error: Содржината е заштитена од копирање !!