Планот на ЕУ за Украина се распадна: Четри земји не дозволија замрзнатите руски пари да завршат во Укрина
13/12/2025 16:45
Италија, Бугарија и Малта ѝ се приклучија на Белгија во барањето Европската Унија да изнајде алтернативни решенија за обезбедување 210 милијарди евра финансиска поддршка за Украина, без користење на замрзнатите руски средства. Овој став сериозно го доведува во прашање усвојувањето на т.н. „заем за репарации“ на претстојниот Самит на ЕУ.
Според информации од бриселските медиуми, четирите земји побарале Европската комисија и Советот на ЕУ да продолжат со анализа на други опции кои би биле во согласност со европското и меѓународното право и би носеле значително помали правни и финансиски ризици. Како можност се спомнуваат кредитни линии од ЕУ или преодни финансиски механизми за да се обезбеди континуитет на помошта за Украина.
Белгискиот премиер Барт де Вевер подолго време го критикува планот за користење на замрзнатите руски средства, оценувајќи го како „фундаментално погрешен“ и потенцијално опасен поради правните последици. Иако овие земји го поддржаа предлогот на Европската комисија за трајно замрзнување на руските средства, тие јасно нагласуваат дека тоа не значи и согласност за нивна употреба за финансирање на воените активности на Украина.
Одлуката за замрзнување беше донесена врз основа на членот 122 од Договорот за функционирање на ЕУ, кој дозволува носење итни одлуки со квалификувано мнозинство. Овој потег, според Белгија и нејзините сојузници, може да создаде опасен преседан во надворешната и безбедносната политика на Унијата, каде традиционално се бара консензус.
Дополнително, Белгија предупредува дека користењето на замрзнатите руски средства може да го наруши нејзиниот углед како финансиски центар, бидејќи најголемиот дел од тие средства – околу 185 милијарди евра – се депонирани во клириншката куќа „Еуроклир“ со седиште во Брисел. Постојат и стравувања од можни судски постапки и одмазднички мерки од страна на Москва.
Прашањето ќе биде дополнително разгледано на вонреден состанок на Корепер, во обид да се постигне компромис пред состаноците на министрите за надворешни и општи работи и пред Самитот на ЕУ закажан за наредната недела.





