MKinformer

your daily dose of news

Владата на Петер Маѓар ќе го истражува унгарскиот заем од една милијарда евра за Македонија

24/07/2026 8:56

Владата на унгарскиот премиер Петер Маѓар ќе го истражува заемот од една милијарда евра што претходната влада на Виктор Орбан ѝ го одобри на Македонија преку државната Ексим банка.

Случајот е еден од четирите спорни кредитни аранжмани за кои унгарското Министерство за економија и енергетика поднело пријави до надлежните органи. Целта е да се утврди дали со зделките била предизвикана штета на државниот буџет и дали имало злоупотреба на јавни средства.

Спорна каматата од 3,25 проценти

Кредитот за Македонија бил одобрен со каматна стапка од 3,25 проценти и рок на отплата од 15 години, со тригодишен грејс-период.

Петер Маѓар оцени дека условите биле значително поповолни од каматите по кои во тој период се задолжувале унгарската држава, компаниите и граѓаните.

Според него, разликата меѓу пазарната камата и субвенционираната стапка за Македонија би можела да го чини унгарскиот буџет повеќе од 90 милијарди форинти.

Целиот ризик од заемот бил покриен со унгарска државна гаранција, иако Ексим банката ја класифицирала Македонија како земја со значителен кредитен ризик.

Македонија доби две транши од по 500 милиони евра

Македонската влада обезбеди две кредитни транши од по 500 милиони евра од унгарската Ексим банка.

Првата транша беше наменета за буџетска поддршка, проекти во општините и финансиска поддршка за домашните компании.

Вториот заем од 500 милиони евра беше договорен за отплата на еврообврзницата издадена во 2018 година. Договорот беше потпишан во декември 2024 година, околу два месеца по првата транша.

Маѓар: Зделката била обвиена со тајност

Петер Маѓар изјави дека договорот бил проследен со голема нетранспарентност.

Како пример го наведе фактот дека унгарската јавност за втората транша од 500 милиони евра дознала од македонскиот премиер Христијан Мицкоски, пред информацијата да биде јавно соопштена од владата на Орбан.

Маѓар ја отвори и можноста парите наменети за поддршка на унгарските компании да биле искористени за зацврстување на позицијата на политички сојузник во странство или за создавање поволности за одредени компании.

Овие наводи допрва треба да бидат проверени од истражните органи. Новата унгарска влада нагласува дека нема однапред да носи заклучоци за евентуална кривична одговорност.

Се истражуваат уште три спорни зделки

Покрај заемот за Македонија, унгарските власти истражуваат уште три случаи поврзани со кредитирањето преку Ексим банка.

Меѓу нив се проекти за набавка на железнички вагони во Египет и изградба на мост меѓу Замбија и Демократска Република Конго.

Вкупната вредност на четирите случаи изнесува околу 1.000 милијарди форинти, односно близу три милијарди евра.

Унгарските власти најавуваат целосна проверка на документацијата за да се утврди дали биле прекршени законите и дали бил оштетен буџетот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!