MKinformer

your daily dose of news

Историски успех: Рената Дескоска избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија

13/12/2025 17:23

Професорката на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Рената Дескоска, е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија – едно од највлијателните советодавни тела на Советот на Европа во областа на уставното право.

Преку објава на својот Фејсбук профил, Дескоска соопшти дека изборот го доживува како признание за нејзината активна улога и досегашниот придонес во работата на Комисијата.

Таа информира дека изборот е направен на 145-та сесија на Венецијанската комисија, која се одржува на 12 и 13 декември во Венеција. Претходно, за нова претседателка на Комисијата беше избрана Марта Картабија – професорка по уставно право и поранешна министерка за правда на Италија.

Покрај Дескоска, за потпретседатели се избрани и Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство. Македонската професорка истакна дека е особено горда што е првата потпретседателка на Венецијанската комисија која доаѓа од Македонија, но и од земја што не е членка на Европската Унија, ниту од поранешниот југословенски простор.

Досега, Дескоска учествувала во изработката на 14 мислења за различни држави, кои биле презентирани на пленарни седници и усвоени со консензус. Како дел од Комисијата, таа била вклучена и во бројни меѓународни мисии и конференции.

Според неа, новата функција претставува дополнителна обврска за продолжување на ангажманот во промовирањето на европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото. Во објавата таа упати и благодарност до сите кои ја поддржале.

Рената Дескоска во минатото ја извршуваше и функцијата министерка за правда во владата предводена од Зоран Заев.

error: Содржината е заштитена од копирање !!