Ова е човекот кој со голи раце го совлада напаѓачот во Сиднеј, Трамп лично го пофали и поздрави за херојскиот чин
14/12/2025 22:32
Американскиот претседател Доналд Трамп остро го осуди вооружениот напад на плажата Бонди во Сиднеј, нарекувајќи го „страшен“ и „јасен чин на антисемитизам“, при што упати пофалби за граѓанинот кој со лична храброст успеал да совлада еден од напаѓачите и да спречи многу потешки последици.
– Сакам да изразам почит кон Австралија и премиерот. Она што се случи е навистина ужасно. Но, постои и светла точка – еден исклучително храбар човек реагираше во момент кога многумина би се повлекле – изјави Трамп.
Херојот е идентификуван како 43-годишниот Ахмед ал Ахмед, трговец со овошје од предградието Сатерленд и татко на две деца. За време на нападот, тој физички го совладал и разоружал еден од напаѓачите, но при интервенцијата бил тешко ранет, откако бил погоден со два куршума. Неговите блиски информираат дека Ахмед е хоспитализиран и дека го очекува оперативен зафат.
– За нас тој е апсолутен херој. Немал никакво искуство со оружје, но не размислуваше за себе, туку за другите – изјави член на неговото семејство.
Снимките кои кружат на социјалните мрежи прикажуваат како Ахмед, скриен зад паркирано возило, ненадејно истрчува, го напаѓа вооружениот човек одзади и му ја одзема пушката, по што напаѓачот се повлекува.
(ВИДЕО) Најмалку тројца загинати во пукотница на плажа во Сиднеј за време на прослава на Ханука
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нападот го оцени како „ладнокрвно убиство“ и изјави дека во разговор со австралискиот премиер Ентони Албанезе предупредил дека одредени политики придонесуваат за раст на антисемитизмот.
– Антисемитизмот расте додека лидерите молчат. Слабоста мора да биде заменета со конкретна акција – порача Нетанјаху.
По инцидентот, безбедносните мерки беа засилени во повеќе светски метрополи, меѓу кои Берлин, Лондон, Њујорк и Варшава, особено околу настаните поврзани со празникот Ханука. Нападот го осуди и британскиот крал Чарлс Трети, кој го нарече „ужасен антисемитски терористички чин“.






