Филипче го соопшти новото раководство на СДСМ: „Влегуваме во одлучна борба против корумпираната власт“
17/12/2025 9:49
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, по завршувањето на вечерашната седница на Централниот одбор на СДСМ, официјално го претстави новото партиско раководство. На прес-конференцијата, Филипче истакна дека новиот тим ќе води, како што рече, храбра и решителна борба против актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, која ја оцени како ненародна, корумпирана и криминогена.
Според него, новиот состав на раководството е внимателно избалансиран спој од искусни и млади кадри, со цел да се обезбеди континуитет, но и нова енергија во партијата. Во рамките на промените, беа избрани нови потпретседатели, како и членови на Извршниот одбор, додека дел од секретарските позиции остануваат непроменети.
Филипче најави и проширување на политичката платформа на СДСМ преку вклучување на граѓански организации, независни поединци и интелектуалци, како и формирање Совет на партијата, чија цел ќе биде привлекување на, како што рече, слободоумни луѓе кои ги делат социјалдемократските вредности.
Посебен акцент беше ставен на формирањето на Антикорупциски тим, составен од млади истражувачи и искусни експерти, кој ќе работи на откривање на коруптивни шеми поврзани со актуелната власт.
Во продолжение, СДСМ ја објави интегралната изјава на претседателот Венко Филипче:
🗣️ Интегрално изјавата на Венко Филипче
„На седницата на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се избра новото раководство. Нови партиски потпретседатели се доктор Александар Трајановски и пратеничката Јована Тренчевска. Членови на Извршниот одбор се луѓе коишто се еден дел искусни, еден дел млади, одлична спојка. Искусните ќе го пренесат своето знаење и искуство на помладите. Секретарските позиции ги задржаа актуелниот генерален секретар и еден од досегашните организациските секретари. Ова е тим кој влегува во храбра и многу одлучна борба со оваа ненародна и криминогена и корумпирана власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН. И не сме сами, на денешниот состанок се продискутираа многу аспекти, ја шириме нашата платформа, повикуваме многу граѓански организации, независни поединци, интелектуалци. Го формиравме и Советот на партијата кој ќе има улога да привлекува слободоумни луѓе коишто ги делат нашите вредносни политики, поради тоа што нашиот фронт којшто го објавуваме вечерва постепено и сигурно ќе расте, затоа што ние се подготвуваме власта да ја вратиме во рацете на граѓаните. Во рамките на тимот еден од најновите делови на целокупниот тим е Антикорупцискиот тим, составен од млади луѓе, истражувачи, но искусни луѓе коишто ги консултираме за активностите, кои се занимаваат со разоткривање на корумпираните шеми на актуелната власт. И вечерва цврсто и одлучно кажуваме, дека ние сме тие коишто ќе стават крај на политиката на изолација на државата од Европа. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на корупцијата и криминалот на оваа власт. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на предавството на безбедноста и националните интереси на нашата земја преку проектот мигранти за пари. Ние ја враќаме власта во рацете на граѓаните”.





