И нашиот голем „поддржувач“ Томас Вајц се разочара: Недоволен напредок на Македонија во клучните ЕУ реформи
19/02/2026 17:15
Напредокот на Република С. Македонија во спроведувањето на клучните реформи за членство во Европската Унија останува недоволен, се наведува во најновиот извештај на известувачот на Европски парламент за земјава, европратеникот Томас Вајц.
Вајц кој важеше за голем поддржувач и заштитник на Македонија од бугарските напади во европскиот парламент во извештајот посочува дека, и покрај одредени позитивни случувања, реформската агенда поврзана со ЕУ во области како владеење на правото, судски реформи и борба против корупцијата бележи стагнација. Извештајот укажува и на зголемена политичка поларизација и недостиг на конструктивна меѓупартиска соработка.
„И покрај некои позитивни случувања, напредокот во реформската агенда поврзана со ЕУ во клучни области како владеење на правото, судски реформи и борба против корупцијата остана недоволен. Напредувањето на реформите во владеењето на правото не е само суштинско за приближување кон членството во ЕУ; тоа е исто така клучно за зајакнување на демократските институции што ефикасно им служат на сите граѓани“, изјави Вајц.
Во извештајот се нагласува дека реформите во правосудниот систем и доследната борба против корупцијата остануваат клучни предуслови за натамошен напредок во евроинтегративниот процес.
Се очекува документот да биде разгледан во рамки на надлежните тела на Европскиот парламент, по што ќе следуваат дополнителни политички пораки и препораки кон македонските институции.





