MKinformer

your daily dose of news

УРЕДНИЧКА КОЛУМНА: Западни забрани, балканско лицемерие

09/01/2026 23:30

Оваа држава има еден сериозен проблем: сака европски забрани, ама никако не сака европски систем.
Сака да копира закони од Запад, ама не и стандард.
Сака дисциплина од граѓаните, ама не и од институциите.
И токму тука се вклопува новиот, „најригорозен“ закон против пушење.

Законот се носи по пример на западноевропски држави, така барем нè убедуваат.
Но, нека ни каже некој: дали се зема пример и за платите, здравството, јавниот превоз, правната сигурност?
Или Европа ни служи само кога треба да се воведат забрани и рестрикции, а Балканот кога треба да се живее?

Иронијата е уште поголема кога се знае дека во градовите од кои доаѓаат креаторите на овој закон, поточно министерот за здравство, пушењето е национален спорт.
Инспекциите се урбана легенда. Казните, научна фантастика.
И сега, токму од таму, ни се држи лекција кој доаѓа од место и од политичка партија каде што постојниот закон за пушење е целосно и арогантно игнориран.
Во тие средини пушењето во кафулиња не беше прекршок, туку обичај, од таму, ни доаѓа лекција за јавно здравје.

Наместо прво да се спроведе постојниот закон, се носи нов, уште поригорозен.
Забрани на тераси, забрани во автомобили, забрани за ароми, забрани за изложување.
Кога не знаеш да владееш, забрануваш.
Кога не контролираш, казнуваш на хартија.

Ајде да зборуваме и за приоритетите.
Ако државата навистина се грижеше за граѓаните, ќе имавме чесен и правичен изборен закон, во кој гласот на народот ќе биде вреднуван, а не манипулиран од политички структури. Но таму нема храброст за „најригорозни закони“.

Наместо тоа, добиваме уште една бројка за плашење, дека 4000 луѓе годишно умираат од пушење.
Бројка што никој не може реално да ја провери.
Нема јавен регистар, нема транспарентна методологија, нема отчетност.
Само проценка што совршено се вклопува во наративот за нужноста од репресија.

Исто така, немаме ниту ригорозен закон за издувните гасови од фабриките-загадувачи од кои излегува вистински смртоносен чад.
Чад што може да се измери.
Чад што се гледа.
Чад што се чувствува.
Чад поради кој секоја зима не се дише.
И токму тука треба да се постави суштинското прашање: дали тие фамозни „4000 починати годишно“ умираат од чад од цигари или од чад од УСЈЕ, Дрисла, Вардариште и ОХИС?

Да не се разбереме погрешно: пушењето не е здраво.
Но уште понездраво е лицемерието.
Не може држава што не знае да обезбеди фер избори, пристоен стандард и еднаков третман пред законот, да глуми европски воспитувач.

Да не се лажеме: ова не е борба за здравје. Ова е борба за впечаток. За европска фасада со балкански темели.

Затоа, министере, пред да копирате западни закони за забрани, почнете да копирате западни вредности: функционални институции, фер избори и достоинствен живот.
Во спротивно, ова не е европеизација, ова е чиста фарса и идиотизам.

Пишува
Борислав Стоилковиќ
Уредник
MKInformer

error: Содржината е заштитена од копирање !!