Државата тргнува во забрана без преседан: Закон што ќе ги казни граѓаните и бизнисите
09/01/2026 22:28
Македонија е на чекор до донесување на најрестриктивниот закон за пушење досега, закон кој, според многумина, не нуди рамнотежа меѓу јавното здравје и реалниот живот, туку воведува речиси целосна репресија врз пушачите, угостителите и трговците.
Според нацрт-верзијата на законските измени до која дојде Телевизија Телма, се предвидува практично целосно исфрлање на цигарите од јавниот простор, без исклучоци и без постепен преоден период. Законот наскоро треба да се најде на платформата ЕНЕР, но уште пред јавната дебата предизвикува сериозни реакции.
Најконтроверзната мерка е целосната забрана за пушење во сите угостителски објекти, ресторани, кафулиња, барови, меани и кантини. Забраната не застанува на затворените простории, туку се проширува и на терасите, освен ако тие не се целосно отворени од најмалку три страни. Со ова, во пракса, се укинува пушењето и на огромен дел од досегашните „покриени“ тераси, што директно удира врз угостителскиот сектор, особено во зимските месеци.
Законот оди чекор подалеку и навлегува во приватниот простор. Се воведува апсолутна забрана за пушење во автомобил доколку во него има малолетно лице – мерка што, иако се оправдува со заштита на децата, отвора прашања за прекумерна државна контрола врз личниот живот. Истовремено, пушењето ќе биде забрането и на автобуски и железнички станици, пазари и други јавни простори, без јасно дефинирани зони или алтернативи.
Особено спорна е одлуката електронските цигари и вејп уредите целосно да се изедначат со класичните тутунски производи. Новиот закон не прави никаква разлика меѓу нив, иако бројни меѓународни истражувања укажуваат дека тие се користат како алтернатива за намалување или откажување од пушење. Дополнително, се воведува целосна забрана за ароми и вкусови, што значи забрана за производство, увоз, продажба и дистрибуција на сите никотински производи со додадени вкусови.
По селективен пример на мал број западноевропски земји, кои пред да донесат ваков закон го срелие стандардот на своите граѓани, се предлага и забрана за визуелно изложување на цигарите. Тутунските и електронските производи ќе мора да бидат сокриени од поглед во маркетите и киосците, а се забранува и секоја форма на рекламирање, уште еден удар за малите трговци кои значаен дел од приходите ги остваруваат токму од овие производи.
Креатор на законските измени е Министерство за здравство, од каде што порачуваат дека целта е спречување на, како што велат, „здравствена катастрофа“. Навистина, статистиката покажува дека над 45 проценти од возрасното население во Македонија се пушачи и дека околу 4.000 луѓе годишно умираат од болести поврзани со пушењето, што баш и не е вистина, бидејки 4000 луѓе умираат од чад, а чадот не е само од цигарите. Но, критичарите предупредуваат дека решението не може да биде апсолутна забрана без анализа на економските последици, културниот контекст и реалната изводливост на ваквите мерки.
Наместо едукација, поддршка за откажување од пушење и паметно регулирање, државата се чини дека се одлучува за најлесниот, но и најризичен пристап, строга забрана што може да предизвика бунт, сива економија и дополнителен притисок врз веќе кревките сектори.






