Вечерва се пречекува Старата Нова година: Утре е Обрезание Господово и Василица
13/01/2026 10:26
Православните христијани кои се водат според Јулијанскиот календар вечерва ја пречекуваат Старата Нова година, која започнува утре, на празникот Василица (1/14 јануари). Во Македонија, овој ден има посебно духовно и семејно значење и се одбележува со вековни обичаи и традиции.
Многу македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики – Васил, Васко, Васе, Васка и други, утре го одбележуваат својот именден. Централно место на празничната трпеза има погачата со паричка, која се крши во кругот на семејството. Според верувањето, оној кај кого ќе се најде паричката ќе има среќа, здравје и бериќет во текот на целата година.
По повод празникот Обрезание Господово и споменот на Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонска православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.
Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од IV век. Роден во Кападокија, а образован во Атина, тој бил истакнат христијански филозоф, епископ и еден од најголемите заштитници на чистотата на православното учење. Се упокоил на 14 јануари 379 година.
Покрај Македонската православна црква, според Јулијанскиот календар празниците ги одбележуваат и Руска православна црква, Српска православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и монасите на Света Гора. За разлика од нив, според Грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква.
Инаку, Црквата има и свој црковен почеток на Новата година, кој се празнува на 1/14 септември, познат како црковна Нова година.






