MKinformer

your daily dose of news

ТДП остро реагира: Лидерската средба на Мицкоски без малцинствата е неприфатлива

15/01/2026 12:13

Демократска партија на Турците (ТДП) остро реагира на лидерската средба организирана на иницијатива на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оценувајќи дека форматот на состанокот е неприфатлив поради отсуството на претставници од малцинските заедници.

Од ТДП посочуваат дека станува збор за средба на која се разгледуваат прашања од исклучително значење за демократското функционирање на државата, како што се реформите во судството, измените на Изборниот законик и именувањата во институцијата Народен правобранител.

„Фактот што во ваков формат не е поканета ниту една политичка партија или пратеник што ги претставува малцинските заедници претставува сериозен демократски пропуст“, се наведува во реакцијата на партијата.

ТДП потсетува дека Република Северна Македонија е изградена врз принципите на мултиетничност, демократија и заедничка визија, при што турската и другите малцински заедници низ историјата дале значаен придонес во развојот на државноста.

Според партијата, прашањата поврзани со судството, изборното законодавство и улогата на Народниот правобранител мора да се обликуваат преку инклузивен процес што ќе ги опфати сите релевантни општествени чинители, а не исклучиво политичките партии од мнозинството.

„Исклучувањето на малцинските заедници од вакви суштински процеси е спротивно на принципите на демократско учество и партнерство во управувањето со државата“, нагласуваат од ТДП.

Како единствена политичка партија со пратеник што ја претставува турската заедница, ТДП најавува дека ќе преземе конкретни иницијативи за обезбедување активно учество во процесите на одлучување и за гарантирање правична застапеност на правата на малцинствата.

Воедно, партијата ја повикува Владата да воспостави институционален механизам што ќе обезбеди континуирана претставеност на малцинските заедници во креирањето на државните политики и да примени инклузивен пристап кој ќе го зајакне демократскиот плурализам и европските интегративни процеси.

error: Содржината е заштитена од копирање !!