Народниот правобранител слави роденден, власта наместо честитка распиша оглас за наследник
08/07/2025 22:01
Наместо да му упати роденденска честитка, владејачката коалиција четири дена пред неговиот роденден предложи распишување оглас за наследник на актуелниот народен правобранител Насер Зибери, ефективно најавувајќи го неговото пензионирање.
Координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ му доставиле барање на претседателот на Собранието, Африм Гаши, да се распише оглас за нов правобранител. Причината е тоа што Зибери на 12 јули полни 64 години, возраст со која ги исполнува условите за старосна пензија, а според Законот за народен правобранител, мандатот му престанува по исполнувањето на тие услови.
Според информации на „Телма“, на утрешната седница на Собранието ќе се додаде точка за распишување оглас, кој потоа ќе биде објавен. Огласот ќе трае десет дена, по што ќе следи избор на нов народен правобранител.
Сепак, поради доцнењето со постапката, се очекува институцијата да остане без раководител најмалку две недели.






