MKinformer

your daily dose of news

Пронајдени 350.000 евра во ѕид: Проширена истрагата за висока корупција

18/01/2026 20:26

Во рамките на опсежна истрага што ја води Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапката е проширена и кон судија од Апелационен суд Скопје, осомничен за противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен преку корупција и трговија со влијание.

Истрагата беше иницирана по настаните од 14 декември, кога беше осомничен адвокат за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, а во континуитет биле преземани интензивни истражни дејствија кои довеле до проширување на предметот и кон носител на судиска функција.

Врз основа на наредба обезбедена од надлежен суд, денеска бил извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на осомничениот судија. При претресот, во соѕидан простор во ѕид, биле пронајдени 350.000 евра, за кои постојат сериозни сомненија дека се незаконски стекнати и прикриени.

Од Обвинителството информираат дека претресите и останатите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде навремено известена за понатамошниот тек на постапката и можните обвиненија.

Претреси кај апелацискиот судија Ѓоко Ристов: Сомнежи за злоупотреба на судиската функција

Станува збор за една од најобемните истраги за висока корупција во државата досега, која, според официјалните информации, е поткрепена со податоци и известувања од Агенција за национална безбедност.

Активностите се координирани од јавен обвинител, а на терен ги спроведуваат припадници на Министерство за внатрешни работи, Одделот за борба против организиран криминал, како и Управа за финансиска полиција.

Од институциите нагласуваат дека професионалниот интегритет и координираното делување биле клучни за разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал во земјата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!