Претреси кај апелацискиот судија Ѓоко Ристов: Сомнежи за злоупотреба на судиската функција
18/01/2026 20:06
Попладнево се спроведуваат претреси кај апелацискиот судија Ѓоко Ристов, кој суди во Апелационен суд Скопје. Информацијата ја потврдија од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, од каде соопштија дека акцијата се реализира по наредба на јавен обвинител и со дозвола на Основен кривичен суд Скопје.
Според неофицијални информации, предметот се однесува на сомневања за злоупотреба на судиската функција. Во моментов не се соопштува конкретната правна квалификација, бидејќи претресите сè уште се во тек. Неофицијално, полициски екипи извршиле претрес и во домот на судијата.
Името на Ристов претходно беше поврзувано со предметот во кој е опфатен поранешниот народен правобранител Фехми Стафа, кој се наоѓа во притвор поради сомневање дека примил 50.000 евра мито.
Според наводите на обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, Стафа примил пари со цел да посредува и да влијае врз судија во Апелација за предмет поврзан со негов клиент. Непосредно по примањето на парите, тој бил уапсен, а кај него биле пронајдени и одземени банкнотите.
Лицето за кое, наводно, требало да се издејствува укинување на мерката притвор е Љупчо Пецов, познат како „Ѓаволот“, осомничен во случајот Синџир.
Од Обвинителството информираат дека по завршувањето на претресите ќе следуваат официјални информации за понатамошниот тек на постапката и можните обвиненија.






![Зaпoчнyвa oпepaциjaтa “Cмeнa нa Русковска”, eкc oбвинитeл oд СЈО глaвeн кaндидaт зa нacлeдник vilma-Ruskovska-696x487[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/vilma-Ruskovska-696x4871-1.jpg)
One thought on “Претреси кај апелацискиот судија Ѓоко Ристов: Сомнежи за злоупотреба на судиската функција”
Comments are closed.