Ѓоко Ристов во Обвинителство: Побаран куќен притвор и одземање пасош
20/01/2026 14:57
Судијата осомничен за висока корупција, Ѓоко Ристов, денеска се наоѓа во просториите на Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), каде што се преземаат процесни дејствија поврзани со истрагата за пронајдените околу 350.000 евра во неговата семејна куќа во Неготино.
Според неофицијални информации објавени од медиумот 4NEWS, надлежниот јавен обвинител побарал на Ристов да му биде одземен пасошот и да му се определи мерка куќен притвор додека трае истражната постапка. Овие мерки, како што се наведува, се бараат со цел обезбедување на присуството на осомничениот и спречување евентуално влијание врз истрагата.
Од Обвинителството официјално информираат дека предметот е сложен и обемен и дека се преземаат сите неопходни мерки за целосно документирање на случајот, како и за утврдување на потеклото на пронајдените парични средства за кои постои сомневање дека се незаконски стекнати.
Според судски извори, судијата Ристов минатата недела заминал на боледување, по што неговите колеги повеќе не го сретнале на работното место во Апелационен суд Скопје. Јавноста остана без официјални информации за неговата локација сè до денешното негово појавување во Обвинителството.
Истрагата против Ристов е дел од поширока постапка за сомневања за корупција и трговија со влијание во правосудството, а од ОЈО ГОКК најавуваат дека по завршување на процесните дејствија ќе следуваат дополнителни официјални информации.



![Зaпoчнyвa oпepaциjaтa “Cмeнa нa Русковска”, eкc oбвинитeл oд СЈО глaвeн кaндидaт зa нacлeдник vilma-Ruskovska-696x487[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/vilma-Ruskovska-696x4871-1.jpg)


