MKinformer

your daily dose of news

Херојски триумф на Македонија: Костески погоди во последна секунда за победа над Романија

20/01/2026 20:49

Македонската ракометна репрезентација со победа ја заврши групната фаза на Европското првенство, откако во вистинска драма ја совлада Романија со 24-23 (13-9) пред околу 10.000 гледачи. Ова беше прв триумф за „црвено-жолтите“ на шампионатот, со кој ја завршија групата со три освоени бода и обезбедија пол-позиција пред ждрепката за Светското првенство 2027 година.

Иако Македонија имаше јасна предност во квалитетот, натпреварот непотребно доби драматичен финиш. Херој на вечерта беше Костески, кој го постигна победничкиот погодок во последната секунда од мечот.

Избраниците на Кирил Лазаров одлично го отворија натпреварот и поведоа со 3-0 преку Џонов, Костески и Кузмановски. Македонија доминираше во воведните минути, но не ја искористи целосно слабата игра на противникот. Првиот гол Романија го постигна дури во 11. минута од седум метри.

До крајот на првото полувреме македонската селекција одржуваше стабилна предност, која во 28. минута изнесуваше и највисоки плус пет (12-7). На одмор се замина со 13-9, а веднаш по паузата Македонија поведе и со 14-9.

Во второто полувреме, наместо мирна завршница, следеше пад во играта. Романија постепено се враќаше и ја намалуваше разликата, а во финишот дури и израмни на 22-22. Во клучните моменти Томовски запиша важни одбрани, а Кузмановски реализираше седум метри за ново водство.

Во последната минута Романија повторно израмни, но Македонија имаше последен напад. Во хаотичен финиш, Костески се снајде најдобро и со погодок во последната секунда донесе голема победа од 24-23.

Со овој триумф, Македонија го заврши Европското првенство со позитивен впечаток и важни бодови кои можат да имаат значење за идните квалификациски циклуси.

error: Содржината е заштитена од копирање !!