MKinformer

your daily dose of news

Румен Радев си поднесе оставка од Претседател на Бугарија, голема е веројатноста да атакува за премиер

20/01/2026 11:50

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска официјално треба да ја поднесе својата оставка до Уставен суд на Бугарија, со што ќе престанат неговите овластувања како шеф на државата.

Радев ја најави одлуката во вчерашно обраќање до бугарската јавност, во кое истакна дека тоа е негово последно обраќање како претседател на Република Бугарија.

„Денес ви се обраќам за последен пат како претседател на нашата Бугарија. Пред сè, сакам да побарам прошка. Времето ја стави вашата доверба на тест, затоа ви благодарам за трпението. Ги признавам моите грешки и свесен сум за тоа што не успеав да постигнам, но токму вербата дека тоа може да се промени е мотивот за мојата одлука“, изјави Радев.

Во истото обраќање, тој нагласи дека е убеден оти актуелната потпретседателка Илијана Јотова ќе биде „достоен и одговорен шеф на државата“.

Согласно член 97 од бугарскиот Устав, една од можностите за предвремено прекинување на мандатот на претседателот и потпретседателот е доброволна оставка поднесена до Уставниот суд. По утврдувањето на оставката од страна на Судот, овластувањата на претседателот формално престануваат.

Според Уставот на Бугарија, во случај на оставка на претседателот, потпретседателот автоматски ја презема функцијата шеф на државата до истекот на мандатот. Тоа значи дека Илијана Јотова ќе стане в.д. претседателка на Бугарија.

Според голем дел од бугарската јавност, не значи и повлекување од политичката сцена. Напротив, доминантното очекување е дека Радев го напушта претежно церемонијалниот претседателски мандат со цел да се вклучи поактивно во политичкиот живот на земјата.

Според бугарските медиуми и политички аналитичари, актуелниот независен претседател би можел да се приклучи кон политичка партија, да влезе во изборна кампања за парламентот и да се обиде да стане премиер и со тоа шеф на владата.

Румен Радев е петтиот демократски избран претседател на Бугарија. Тој беше избран за прв мандат во ноември 2016 година, а во ноември 2021 година доби и втор мандат. Во периодот од 2014 до 2016 година, Радев ја извршуваше функцијата командант на бугарските воздухопловни сили.

Ова е првпат во поновата историја на Бугарија актуелен претседател доброволно да поднесе оставка пред истекот на мандатот, што настанот го прави преседан во бугарскиот политички систем.

error: Содржината е заштитена од копирање !!