Вучиќ од Давос: Политичкиот развод меѓу САД и ЕУ е траен, Србија мора да носи тешки одлуки
21/01/2026 22:55
Српскиот претседател по говорот на Урсула фон дер Лајен порача дека Србија мора мудро да балансира меѓу Вашингтон, Брисел и Пекинг
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Давос оцени дека од говорот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јасно се гледа дека политичкиот јаз меѓу Соединетите Американски Држави и Европската Унија е длабок и долгорочен, поради што Србија мора да донесе стратешки и тешки одлуки.
Говорејќи на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Вучиќ изјави дека Србија мора внимателно да ја позиционира својата политика во новите геополитички околности.
– Од пораките што ги слушнавме, јасно е дека политичкиот развод меѓу Америка и Европа е траен. Тоа значи дека Србија мора да носи важни и рационални одлуки – изјави Вучиќ, пренесува Nova.rs.
Тој нагласи дека царинското прашање мора да се решава со американската страна, додека развојот на енергетиката Србија го гледа во партнерство со европските земји.
Вучиќ истакна дека главен приоритет на државата остануваат мирот, економската стабилност и брзиот економски раст, додавајќи дека Владата веќе работи на план за развој на Србија до 2035 година, кој очекува јавно да биде претставен до март.
Претседателот на Србија изрази и очекување дека наскоро ќе добие покана за официјална посета на Кина, нагласувајќи дека Белград активно соработува и со САД и со ЕУ.
– Мора да бидеме мудри, да се скриеме под карпа и да чекаме дождот да помине – изјави Вучиќ, алудирајќи на актуелните глобални тензии.
Осврнувајќи се на внатрешнополитичките прашања, тој додаде дека го прифаќа барањето за примена на Законот за потекло на имотот, што е една од темите со силен јавен интерес во Србија.





