Американската амбасадорка Агелер се збогува со Македонија: „САД секогаш ќе бидат покрај вас“
22/01/2026 21:41
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер, се збогува од земјава со емотивно проштално писмо, непосредно пред нејзиното заминување по тригодишниот мандат во Скопје.
Во своето обраќање, Агелер истакна дека ѝ било огромна чест да ја претставува својата земја во Македонија и нагласи дека нејзината вера во силата и храброста на македонскиот народ била оправдана и зајакната во текот на целиот мандат.
„Бев, и сè уште сум, понизен и длабоко почестен од привилегијата да ја претставувам мојата голема нација во вашата“, напиша Агелер.
Таа потсети дека во изминатите години двете земји заеднички работеле на економскиот раст, енергетската независност, судските реформи, образованието и европската интеграција, при што во дел од областите бил постигнат реален напредок, а во други останува уште работа.
Агелер посебно ја нагласи 30-годишнината од билатералните односи меѓу САД и Македонија, оценувајќи дека партнерството меѓу двете држави е пример за сила, компромис и трпелива решителност.
Во писмото таа се осврна и на соработката во рамки на НАТО, истакнувајќи ги инвестициите во одбранбените капацитети, инфраструктурните проекти и регионалната безбедност, како и напредокот во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
„Соединетите Американски Држави секогаш ќе бидат покрај вас, верувајќи во сонот за посилен, попросперитетен и побезбеден евроатлантски партнер“, порача Агелер.
Таа посочи дека во текот на мандатот воспоставила длабоко пријателство со граѓаните, кои ја примиле во своите домови, училишта, заедници и институции, споделувајќи со неа соништа, надежи, но и разочарувања.
Прошталната порака ја заврши со силна нота на надеж и охрабрување:
„Ова е вашата земја и секој од вас заслужува таа да биде земјата за која сонувате. Бидете здрави, бидете храбри, бидете силни – јас ќе навивам за вас на секој чекор.“






