MKinformer

your daily dose of news

Превозниците од Западен Балкан, најавија блокада на девет гранични премини од Шенген зоната

23/01/2026 16:00

Македонските превозници, заедно со колегите од Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, најавија седумдневна блокада на граничните премини кон шенген-зоната, поради воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија и примената на правилото за престој од 90 дена во период од 180 дена за професионалните возачи.

Блокадата во Македонија ќе опфати девет гранични премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, додека преминот Табановце – Прешево ќе биде затворен од српска страна.

Генералната секретарка на асоцијацијата „Макам-транс“, Билјана Муратовска, во изјава за МИА истакна дека засега нема никакви сигнали од Европската комисија за отворање преговори или изнаоѓање решение за проблемот со евиденцијата на престој во шенген-зоната за професионалните возачи.

„Свесни сме за последиците од блокадите, но ако се реализираат нашите барања, придобивките ќе бидат огромни за економијата, не само во Македонија, туку и во целиот Западен Балкан“, вели Муратовска.

Таа појасни дека доколку до понеделник не пристигне никаква информација од ЕУ, протестот ќе започне точно во 12 часот за возилата кои излегуваат од државата, додека за влез во земјата граничните премини ќе бидат затворени на полноќ, со цел возачите кои се враќаат дома да можат да се приклучат на протестот.

Главното барање на превозниците е да се изнајде посебно решение за професионалните возачи или да не им се евидентираат деновите на престој, или да им се издаваат посебни визи кои нема да бидат ограничени со број на денови.

„Новите правила ќе значат целосен колапс на економијата во државата и регионот, поради прекин на синџирите на снабдување. Транспортната индустрија, во која има вложен огромен капитал и која носи значителен прилив на странски средства, ќе биде сериозно разнишана“, предупредува Муратовска.

Протестот е најавен за 26 јануари, а неговото времетраење ќе зависи од реакцијата на Европската Унија, со максимално траење до седум дена, колку што изнесува еден просечен транспортен циклус.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски претходно изјави дека Владата повеќе од една година алармира за проблемот, оценувајќи дека станува збор за сериозен економски ризик кој може целосно да ја колабира македонската и регионалната економија.

Од Европската комисија, пак, тврдат дека системот ЕЕС не воведува нови правила за престој, туку само обезбедува построга примена на постојните прописи, според кои државјаните на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена.

One thought on “Превозниците од Западен Балкан, најавија блокада на девет гранични премини од Шенген зоната

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!