Камионџиите утре ги блокираат сите гранични премини: Запира товарниот сообраќај кон ЕУ
25/01/2026 20:50
Околу 370 товарни возила утре напладне ќе ги блокираат сите гранични премини во државата, со што целосно ќе биде запрен товарниот сообраќај кон Европска унија и транзитот низ регионот. Протестот ќе овозможи пропуст само за камиони што превезуваат лекови, жива стока, експлозиви и муниција, информираат превозниците.
Причина за блокадите е новиот систем за влез и излез во земјите од Шенген зона, со кој на камионџиите од Западен Балкан им се ограничува дозволениот престој. Превозниците предупредуваат дека ваквите правила сериозно ја загрозуваат нивната работа и одржливоста на транспортниот сектор.
Блокадите, како што најавуваат, ќе траат седум дена, но може веднаш да бидат прекинати доколку Европската унија покаже подготвеност за дијалог и започне преговори за надминување на проблемот.
„Доколку уште првиот или вториот ден добиеме сигнал дека ќе има средби со надлежните институции за изнаоѓање решение, веднаш ќе ја прекинеме блокадата. Не сакаме да нанесуваме штета ниту на себе, ниту на стопанството“, изјави Билјана Муратовска од транспортната асоцијација Макам-Транс.
Таа предупреди дека во спротивно може да дојде до префрлање на капиталот во земји од ЕУ, што би значело сериозен удар и можен колапс на стопанството во регионот. Превозниците посочуваат дека зголемените трошоци за транспорт директно ќе влијаат и врз пораст на цените на производите.
Освен македонските превозници, блокади на граничните премини ќе организираат и транспортерите од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Патничките автобуси и автомобилите нема да бидат засегнати од протестните мерки.
Превозниците од Западен Балкан, најавија блокада на девет гранични премини од Шенген зоната







One thought on “Камионџиите утре ги блокираат сите гранични премини: Запира товарниот сообраќај кон ЕУ”
Comments are closed.