MKinformer

your daily dose of news

Блокадата на граничните премини продолжува: камионџиите бараат решение за правилото 90/180 дена

27/01/2026 8:56

Блокадата на товарниот сообраќај со камиони на граничните премини во државава продолжува и денеска, како дел од заедничкиот протест на македонските превозници и нивните колеги од Западен Балкан. Тие бараат итно решение за проблемите што произлегуваат од електронската евиденција за престој во Шенген зона, согласно правилото 90/180 дена, кое стапува во примена од април годинава.

Иако товарниот сообраќај кон земјите од Шенген зоната е блокиран и, според најавите, протестот ќе трае најмалку седум дена, патничкиот сообраќај се одвива непречено. Превозниците нагласуваат дека целта не е да се загрози стопанството, туку да се испрати јасна порака за последиците од новиот систем.

Камионските превозници од државава, заедно со транспортерите од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, сметаат дека ЕЕС системот ги става во нерамноправна позиција во однос на превозниците од Европската унија и бараат посебен статус, односно професионалните возачи да не се третираат како туристи.

„Поентата не е да ја заглавиме сопствената стопанска активност, туку да покажеме што може да се случи. Кога ќе се приклучат и други држави, ќе се работи за над милион тони стока што ќе чека или ќе биде во застој“, изјави Билјана Муратовска од асоцијацијата Макам-Транс. Таа нагласи дека превозниците не сакаат да нанесат штета на производителите и граѓаните, но доколку не се најде решение, ќе следат и други форми на притисок.

Муратовска потсети дека Македонија има потпишано билатерални договори за превоз со повеќе држави, кои дозволуваат слободен пристап и движење, како и дека економска оправданост за ангажирање по двајца возачи, со месеци неработење на едниот, не постои.

Во меѓувреме, портпаролот на Европска комисија за внатрешни работи, Маркус Ламерт, изјави дека ЕК е свесна за загриженоста на транспортните оператори од Западен Балкан и дека внимателно ја следи состојбата. Тој нагласи дека Системот за влез-излез не воведува нови правила, туку овозможува подобра примена на постојните, додавајќи дека прашањето се разгледува во рамки на подготовките на новата Визна стратегија на ЕУ.

Поддршка на протестот даде и Александар Николоски, кој изјави дека постојат три можни решенија: одложување на примената на системот, зголемување на дозволениот број денови за престој или воведување посебен професионален статус за возачите. Според него, во спротивно ќе има сериозни последици не само за регионалната, туку и за европската економија.

Прашањето беше отворено и во Собранието, каде што претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонио Милошоски, побара проблемот да биде ставен на агендата во Брисел. На можните економски последици од блокадите предупредија и стопанските комори и бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Камионџиите утре ги блокираат сите гранични премини: Запира товарниот сообраќај кон ЕУ

One thought on “Блокадата на граничните премини продолжува: камионџиите бараат решение за правилото 90/180 дена

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!