Автобуските превозници ќе се приклучат на протестите: Новите шенген-правила го загрозуваат меѓународниот превоз и туризмот
27/01/2026 15:25
Асоцијацијата на автобуските превозници „Исток“ предупредува дека новиот начин на електронска евиденција за престој во Шенген-зона сериозно го отежнува секојдневното работење на превозниците и го доведува во прашање редовното одржување на меѓународните линии за превоз на патници.
Од Европска Унија бараат фер и применливо решение кое ќе го земе предвид специфичниот карактер на професионалниот превоз на патници и стока. Претседателот на Асоцијацијата „Исток“, Горан Трпковски, најави дека превозниците се подготвени и на заеднички протест со камионските превозници доколку не се донесе поволна одлука.
– Изразуваме длабока загриженост од начинот на кој Европската Унија го применува правилото за престој 90/180 дена во шенген-зоната, кое без исклучок се однесува и на професионалните возачи. Овој начин на пресметување има сериозно негативно влијание врз работењето на превозниците и целокупното стопанство – изјави Трпковски.
Тој посочи дека македонските компании со години вршат балкански тури, организиран превоз за туристички агенции и редовни меѓународни линии, но новата евиденција го отежнува нивното секојдневно функционирање.
Според податоците што ги наведе, во 2025 година во државата месечно престојувале во просек околу 100.000 туристи, за кои домашните превозници обезбедувале превоз до различни дестинации. Ограничувањата, вели тој, можат да имаат поразителни последици.
– Ова ќе доведе до намалување на приходите во туризмот, затворање фирми и мали бизниси, губење работни места, намалена конкурентност и губење странски партнери, што директно ќе удри врз стопанството – предупреди Трпковски.
Блокадата на граничните премини продолжува: камионџиите бараат решение за правилото 90/180 дена
Асоцијацијата „Исток“ има идентични ставови со Макам-транс и најавува заеднички активности доколку не се најде решение. Во меѓувреме, камионските превозници од Македонија, како и од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, веќе започнаа блокади на граничните премини кон шенген-зоната, барајќи измена на правилото за електронска евиденција на престој.




