Скопје добива две катни монтажни гаражи кај Клиничкиот центар – 500 нови паркинг места
26/01/2026 14:55
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со министерот за здравство Азир Алиу, како и со стручните тимови од ЈП Градски паркинг и Град Скопје, одржаа координациски состанок со кој официјално започнува процесот за изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар.
Со реализацијата на проектот, кој ќе го изведува Град Скопје, ќе се обезбедат околу 500 нови паркинг места, со што конечно ќе се стави крај на долгогодишниот проблем со паркирањето во и околу Клинички центар Скопје.
„Со овој проект конечно ставаме крај на хаосот со паркирањето во Клиничкиот центар. Ова е конкретно, функционално и трајно решение кое директно ќе го олесни секојдневието и работата на здравствените работници, но и пристапот на пациентите од целата држава“, истакна Ѓорѓиевски.
Според него, изградбата на монтажните гаражи ќе овозможи подобра организација на сообраќајот, слободен и непречен пристап за Итната медицинска помош, како и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, со почитување на јавниот простор и современите урбанистички стандарди.
Проектот е дел од пошироката стратегија на Град Скопје за подобрување на инфраструктурата и решавање на сообраќајните проблеми во најфреквентните зони на главниот град.





