MKinformer

your daily dose of news

Конечно решение за хаосот со паркирањето во клинички

11/02/2026 9:08

Владата донесе одлука со која се отвора патот за системско решавање на долгогодишниот проблем со паркирањето во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Како што информира владината прес служба, со одлуката се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерство за здравство и Град Скопје, со што конечно се надминуваат административните пречки кои со години го попречуваа уредувањето на паркинг просторот во рамки на кампусот.

Владиниот портпарол Венера Азизи соопшти дека Министерството за здравство во рок од три месеци го завршило процесот на регистрација на парцелите во Катастар и изработка на соодветни елаборати, што овозможува реализација на проектот.

„Се затвораат административните прашања што со децении го попречуваа уредувањето на паркирањето во Клиничкиот кампус ‘Мајка Тереза’. Се отвора патот за изградба на модерен и функционален паркинг, вклучително и катни гаражи, како и воведување софтверско решение за ефикасно управување“, посочи Азизи.

Проектот предвидува изградба на катни гаражи, подобра организација на постојните паркинг места и имплементација на современо софтверско решение за управување со паркирањето.

Од Владата нагласуваат дека со реализацијата на проектот ќе се обезбедат подобри услови за пациентите, здравствените работници и сите граѓани кои ги користат услугите на Клиничкиот кампус.

Проблемот со недостиг на паркинг места во комплексот „Мајка Тереза“ со години предизвикуваше метеж, доцнења и незадоволство кај посетителите, а со оваа одлука, според Владата, започнува конкретен процес за негово трајно решавање.

error: Содржината е заштитена од копирање !!