Ребаланс на Буџетот на Град Скопје: 166 милиони денари за катни гаражи во Клинички Центар и кружен тек кај НБРМ
12/03/2026 16:28
Советот на Град Скопје денеска го усвои ребалансот на Буџетот, со кој градската каса се зголемува за дополнителни 166 милиони денари, средства што, според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ќе бидат насочени кон нови капитални инвестиции.
Ѓорѓиевски информираше дека зголемувањето на средствата не е резултат на нови задолжувања, туку, како што посочи, е плод на домаќинско и одговорно работење. Според него, ваквиот пристап овозможува повеќе проекти што директно влијаат врз квалитетот на живот на граѓаните.
Со ребалансот е предвиден почеток на изградба на нов кружен тек кај Народната банка, сообраќајно решение од кое се очекува поголема проточност и намалување на метежот на една од најоптоварените точки во градот.
Покрај тоа, најавена е и изградба на две нови монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Според најавите, тие ќе имаат капацитет од околу 500 паркинг места, а инвестицијата е проценета на околу 3 милиони евра.
Градоначалникот оцени дека со овој проект конечно ќе почне решавањето на долгогодишниот проблем со паркирањето во клиничкиот комплекс, што со години создава тешкотии за пациентите, нивните семејства, здравствените работници и студентите по медицина.
Тој нагласи и дека Град Скопје ќе биде институцијата што ќе ги проектира, изведува и управува со новите гаражи, што, според него, е гаранција дека граѓаните ќе бидат заштитени од дополнителни поскапувања на паркингот.
Со ребалансот се предвидени средства и за образованието. Ѓорѓиевски соопшти дека ќе се инвестира во поставување топлотни пумпи, со што, како што рече, повеќе нема да има училишта под надлежност на Град Скопје што се греат на нафта.
Планирани се и фотоволтаици, санација на училишните дворови и поставување нова урбана опрема, со цел да се создадат подобри, побезбедни и помодерни услови за учениците.





