Македонија пред бран на протести и штрајкови: расте социјалното и народно незадоволство
26/01/2026 16:47
Македонија влегува во период на засилено социјално, работничко и општо народно незадоволство, во кој паралелно се одвиваат штрајкови, протести и најави за блокади во повеќе клучни сектори. Од јавните претпријатија и транспортот, преку синдикалните барања, па сè до екологијата, земјоделството и малите бизниси, притисокот врз институциите расте, а решенијата засега се неизвесни.
Вработените во Македонски пошти во петокот стапија во штрајк поради неисплатена декемвриска плата, што доведе до целосен прекин на услугите – не се работеше со странки, не се разнесуваше пошта, а шалтерите беа затворени. Истиот ден платата беше исплатена, но штрајкот повторно ги отвори хроничните проблеми со финансиското и управувачкото функционирање на јавните претпријатија и нивното директно влијание врз граѓаните и стопанството.
Тука се се поставуваат следниве прашања
👉 Кој и како управува со јавните претпријатија?
👉 Дали некој ќе одговара за направените долгови, загуби и нефункционалност, без разлика дали се сегашни или минати гарнитури?
Истовремено, денеска е најавен прекин на товарниот сообраќај на граничните премини, како резултат на протест на превозниците. Блокадите ќе се реализираат на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато. Товарните возила ќе бидат ограничени со затворање на лентите и терминалите за камиони, додека патничкиот сообраќај ќе се одвива непречено. Протестот може да трае до седум дена, со можност за прекин доколку се надминат причините, а ризикот за економијата, извозот и синџирите на снабдување е сериозен.
Дополнително, Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) најави голем протест на 28 јануари 2026 година, со почеток во 17:00 часот пред Работничкиот дом во Скопје. Протестот ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата. ССМ бара зголемување на платите за најмалку 6.000 денари и минимална плата од 600 евра, оценувајќи дека сегашните примања не ги следат трошоците за живот и инфлацијата.
Граѓанските протести добиваат и силна еколошка димензија. Во Скопје, на 21 јануари, граѓаните предводени од иницијативата Стоп за Усје повторно протестираа против загадувањето пред фабриката ТИТАН Усје. Сличен протест се одржа и во Струмица, каде активистите од Здрава котлина побараа итни законски измени, укинување на деловната тајна за индустриските емисии и воведување континуиран, јавен мониторинг на загадувањето.
Во меѓувреме, оризопроизводителите од кочанскиот регион најавуваат можни штрајкови поради ниски откупни цени, недостиг од организиран откуп и неконтролиран увоз. Незадоволство има и кај сопствениците на мали трговски објекти, кои реагираат на Нацрт-законот за заштита од пушење, предупредувајќи дека над 4.000 мали и средни бизниси може да бидат директно погодени.
Сите овие настани ја отсликуваат длабоката системска напнатост (економска, социјална и еколошка),
Инфлацијата, цените на храната, енергенсите и кириите одамна ја надминаа официјалната реторика за „економска стабилност“.
Кога работникот не може да живее од својата плата, државата го губи моралниот легитимитет да зборува за напредок.
Дали некој во институциите има храброст да ја признае и да ја решава кризата, или ќе чека додека државата целосно да застане?






