ЕК ги одби барањата на балканските превозници: Правилото 90/180 останува на сила
15/02/2026 17:47
Европска комисија ги отфрлила сите предлози доставени од земјите од Западен Балкан во врска со ограничувањето на престојот на камионџиите и превозниците на тежок товар во земјите од Шенген зона, пренесува „Вијести“.
Според информациите, претставниците на Европската комисија оцениле дека предложените решенија не се во согласност со шенгенските правила. Како одговор на прашањето што е нивниот предлог, од ЕК порачале дека „возачите и превозниците мора да се прилагодат на правилото 90/180“.
Ова правило, кое стапува во сила на почетокот на април, предвидува превозниците од земјите од Западен Балкан да можат да престојуваат или работат максимум 90 дена во период од 180 дена на територијата на Европската Унија.
Предлози за посебни визи – без успех
Претходно, превозниците предложија професионалните возачи да добијат посебни визи или документ што би им овозможил подолг престој и работа во ЕУ без промена на живеалиштето. Алтернативно, тие предложиле времето на транзит, евидентирано преку патни налози, да не се смета во вкупниот престој.
Од Европската комисија, сепак, понудиле можност за добивање национална виза од земја-членка, но само за престој подолг од 90 дена во таа конкретна држава.
Претставниците на превозниците сметаат дека таквото решение би довело до одлив на работна сила, бидејќи возачите би можеле да станат дел од пазарот на труд на земјите-членки и да работат за европски компании.
Тие предупредуваат дека во таков случај и компаниите од регионот би морале да отвораат канцеларии и да се регистрираат во земјите на ЕУ, што, според нив, е долг и сложен процес, а дополнително би предизвикал конкуренција на локалните европски превозници.
Можно ново незадоволство
Поради отфрлањето на предлозите, претставници на секторот најавуваат можни нови протести, вклучително и блокади на граничните премини и пристаништата.
Превозниците предупредуваат дека ограничувањата ќе имаат сериозни последици врз транспортниот сектор и економиите на земјите од Западен Балкан.





