MKinformer

your daily dose of news

Џихан Ахмед ја повлече кандидатурата за Комисијата за заштита од дискриминација по бурни реакции

28/01/2026 16:42

По силните реакции во јавноста по нејзиното претставување во Собранието на Република Северна Македонија, Џихан Ахмед ја повлече кандидатурата за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Информацијата за МИА ја потврдија од Коалицијата Вреди.

Најострите забелешки за нејзината кандидатура дојдоа од Мрежата за заштита од дискриминација, од каде јавно побараа Собранието да не ја избере Ахмед. Според нив, таа не ги исполнува законските услови утврдени во Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Како што беше наведено во реакциите, Ахмед нема ниту една година работно искуство во областа на човековите права, особено во доменот на еднаквост и недискриминација, што е клучен критериум за членство во Комисијата.

Иако се претстави како магистер по меѓународно право и настапи со цел да ја образложи својата мотивација и компетентност во областа на човековите права, за време на расправата во Собранието таа, според критичарите, не успеа да покаже основно познавање на Истанбулска конвенција – клучен меѓународен документ за заштита на жените од родово базирано насилство и дискриминација.

Повлекувањето на кандидатурата доаѓа во услови на засилено внимание на јавноста кон процесот на избор на членови на независните тела и барањата за стручност, искуство и интегритет на кандидатите.

error: Содржината е заштитена од копирање !!