MKinformer

your daily dose of news

Хаос на Клинички центар: Затворен влез, скратен паркинг и загрозени итни случаи

30/01/2026 12:13

Затворањето на еден од главните влезови на Клинички центар Скопје и дополнителното намалување на бројот на паркинг места предизвика сериозен хаос, револт и оправдано незадоволство кај пациентите и вработените. Утрово, десетици возила беа пречекани со затворена рампа кај Инфективна клиника, без никакво претходно известување или јасна сигнализација за алтернативни влезови.

Затворањето на паркингот кај Инфективната клиника, кој има капацитет од најмалку 50 возила, дополнително го влоши и онака ограничениот паркинг простор. Ова доведе до долги колони и метеж на останатите три влеза, при што возачите во паника се обидуваа да пронајдат слободно место.

Особено загрижува фактот што влезот наменет исклучиво за возилата на Брза помош бил отворен за сите, со што директно се загрозува безбедноста на критично болните пациенти. Според информации од терен, утрово дури две возила на Брзата помош биле заглавени во колоната од патнички возила.

Дополнителен проблем е што вработените во Клиничкиот центар не добиле никаков официјален допис од ЈП Паркинзи Скопје, кое е под надлежност на Град Скопје, за новиот режим на сообраќај и паркирање. Без навремена најава и организација, лекарите, медицинските сестри и пациентите останаа оставени сами да се снаоѓаат во настанатиот хаос.

Проблемот дополнително се продлабочува ако се земе предвид дека со месеци е затворен и паркингот кај Клиниката за детски болести поради одрон на улицата Белградска – проблем кој сè уште не е решен. Прашањата што ги поставуваат вработените и пациентите се бројни: каде ќе паркираат вработените од втора смена, како ќе стигнат пациентите со закажани термини по 11 часот и зошто сè се прави без транспарентна информација?

Иако постојат шпекулации дека станува збор за подготовка за изградба на катни гаражи, од надлежните институции сè уште нема официјална потврда, ниту временска рамка. Вработените и пациентите оправдано прашуваат дали ваквиот начин – без најава, без план и без почит – е соодветен старт на каков било инфраструктурен проект.

Затворањето на влез, кратењето на паркинг места и целосниот изостанок на сигнализација не само што делуваат несериозно, туку и нехумано кон пациентите и навредливо кон здравствените работници. Овој потег е далеку од визијата за Скопје како модерен и солидарен град.

error: Содржината е заштитена од копирање !!