Одлука за изведувач на Универзалната сала в понеделник
30/01/2026 15:05
Одлуката за избор на изведувач за реконструкцијата на Универзална сала ќе биде донесена в понеделник, но ќе мора да се почека законскиот рок од осум дена за евентуално поднесување жалби, изјави денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Како што појасни министерот, една од постапките е веќе завршена, додека втората се наоѓа во фаза на евалуација. „Комисијата работи и процесот е во завршна фаза. Одлуката за избор ќе биде донесена в понеделник“, информираше Љутков, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за претстојниот Саем за туризам што викендов ќе се одржи во Скопје.
Во однос на судските пресуди поврзани со платите во културата, министерот истакна дека неговиот став останува непроменет. Тој појасни дека пресудите од првостепените судови не ги добива лично, туку преку институциите, и дека за една од одлуките – донесена од првостепениот суд во Битола – веќе има одлука на Апелациониот суд во корист на институцијата.
Љутков нагласи дека Министерство за култура и туризам внимателно ги следи сите судски процеси и дека институциите постапуваат согласно законските процедури.





