101 возач останаа без дозволи на првиот ден од „Сејф сити“
02/02/2026 23:11
Вкупно 101 забрана за управување моторно возило се изречени вчера, на првиот ден од примената на казнените мерки преку системот „Безбеден град“, соопшти Министерство за внатрешни работи.
Според официјалното соопштение, системот евидентирал 64 прекршоци за минување на црвено светло, од кои 35 на подрачјето на Скопје, пет во Тетово и 24 во Куманово.
Истовремено, констатирани се и 582 прекршоци за пречекорување на дозволената брзина, при што најголем дел се регистрирани во Скопје – 445, потоа 36 во Тетово, 31 во Куманово и 70 на коридорите.
„По основ на двата вида прекршоци изречени се вкупно 101 забрана за управување моторно возило“, информираат од МВР.
Апсења во Струга и Кичево
Дополнително, денеска (2 февруари 2026 година) во 15:12 часот, на улицата „Партизанска“ во Струга, полициски службеници од ОВР Струга го лишиле од слобода Е.А. (42) од селото Шум. При контрола било утврдено дека управувал патничко возило „алфа ромео“ без положен возачки испит, по што возилото е одземено и е известен јавен обвинител.
Истиот ден, во 14:00 часот во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го привеле А.Е. (40) од селото Србица, кој управувал „мерцедес“ со брзина од 64 километри на час на дел од пат каде дозволената брзина е 50 км/ч. Дополнително, било утврдено дека лицето имало активна забрана за управување моторно возило од Б-категорија.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите, против двајцата ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а и член 300 од Кривичниот законик.




