Проф. Др. Зафировски: Децата почнуваат да пушат меѓу 12 и 14 години
03/02/2026 21:45
Проф. д-р Оливер Зафировски упати јасен апел до граѓаните да се откажат од пушењето, предупредувајќи дека бројот на пушачи во земјава останува загрижувачки висок, а особено алармантен е трендот на сè порано започнување со тутун кај децата и младите.
Според неговите сознанија, првиот контакт со цигари кај дел од младите се случува веќе на возраст од 12 до 14 години, што значително го зголемува ризикот од развој на никотинска зависност и трајни здравствени последици. Како дополнителен проблем, Зафировски ја посочи и зголемената употреба на електронски цигари меѓу тинејџерите, нагласувајќи дека тие не се безопасни, иако често се претставуваат како „поздрава“ алтернатива.
„И електронските цигари носат сериозни здравствени ризици, особено за младите организми“, предупреди Зафировски, додавајќи дека штетните ефекти не се ограничени само на белите дробови. Пушењето, како што истакна, сериозно влијае и врз срцето и крвните садови, зголемувајќи го ризикот од кардиоваскуларни заболувања.
Тој изрази поддршка за законските мерки против пушењето, нагласувајќи дека нивната цел е заштита на јавното здравје, а не казнување на граѓаните. На Клиника за пулмологија функционира служба за поддршка за одвикнување од пушење, но и покрај зголемениот интерес, мал дел од пациентите успеваат целосно да се откажат од оваа навика.
Во наредниот период се планираат и едукативни активности во училиштата, со цел навремена превенција, информирање на младите и создавање поздрави животни навики уште од најрана возраст.






