Белгиска специјална единица на воена обука во Охрид и Струга од 7 до 20 февруари
06/02/2026 14:56
СВР Охрид ја извести јавноста дека во периодот од 7 до 20 февруари 2026 година, на подрачјето на Охрид и во струшкото село Радожда, ќе се реализираат активности за обука на специјалната единица на Армијата на Кралството Белгија.
Обуката ќе се одвива во рамки на меѓународната воена вежба BEL-SOF Exercise 26, која паралелно ќе се спроведува и на други подрачја низ државата. Во текот на вежбовните активности е предвидена употреба на артифиции, воени моторни возила, дронови, пловни средства и друга воена опрема.
Надлежните институции информираат дека активностите се однапред планирани и координирани со македонските безбедносни служби, а целта е унапредување на интероперабилноста и размена на искуства меѓу сојузничките армии.
Од СВР Охрид апелираат до граѓаните на Охрид, Струга и околните населени места да не паничат и строго да ги почитуваат насоките и инструкциите на полициските и армиските службеници, кои ќе се грижат за безбедноста на целото подрачје за време на обуката.






