Ковачки најави генерален реизбор во ВМРО-ДПМНЕ
14/02/2026 12:59
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, во видео-обраќање до членството информира дека е започнат генерален реизбор на претседатели на 76 Општински комитети, како и на претседателите на Унијата на ветерани, Унијата на жени и Унијата на млади сили.
Според него, одлуката е донесена на првата седница на Извршниот комитет, со цел дополнително зајакнување на партиската структура и внесување нова енергија.
„ВМРО-ДПМНЕ е жива организација која постојано расте, се надградува и се развива. Победничка е затоа што е отворена за нови идеи и луѓе со визија“, истакна Ковачки.
Тој порача дека овој процес претставува можност за илјадници членови и активисти да се вклучат поактивно во креирањето на политиките, нагласувајќи дека се потребни личности со интегритет, кои ќе обединуваат и ќе придонесат за подобар и поквалитетен живот за сите граѓани.
Јавниот повик е веќе објавен на официјалната страница на партијата, а сите членови можат да се пријават најдоцна до 19 февруари.




