Миноски со историска лекција: Владеење на правото во Македонија
16/02/2026 10:32
Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во обемен статус на социјалните мрежи се осврна на историскиот пример на античката кинеска држава Чин, посочувајќи дека реформите што довеле до создавање на првата кинеска империја се силна поука и за современите држави, вклучително и Македонија.
Во својата анализа, Миноски го издвојува периодот на Завојуваните држави (V–III век п.н.е.), кога Чин била една од најзаостанатите и институционално слаби држави во античка Кина. Географски изолирана и потценувана од другите кралства, Чин започнала длабока трансформација под водство на владетелот Сјао-гун.
Реформи што ја променија историјата
Клучна фигура во реформскиот процес бил државникот Шанг Јанг, кој во периодот од 356 до 338 година п.н.е. спровел темелни институционални и економски промени.
Во центарот на реформите било владеењето на правото, законот станал обврзувачки за сите, без оглед на потекло, титула или богатство. Биле укинати феудалните привилегии, а еднаквоста пред законот станала основа на државниот систем.
Спроведена била и аграрна реформа со која земјата им била доделувана на оние што ја обработуваат, а даночниот систем бил врзан за реалната продуктивност. Воените реформи овозможиле напредување според заслуги, наместо според благородничко потекло, создавајќи дисциплинирана и ефикасна армија.
Како резултат на овие процеси, Чин во 221 година п.н.е. ги поразила останатите држави и ја обединила Кина под власта на Чин Ши Хуанг, создавајќи ја првата кинеска империја.
Поука за Македонија
Миноски посочува дека и покрај трагичната судбина на Шанг Јанг, кој подоцна бил осуден и погубен, системот што го воспоставил продолжил да функционира.
Според него, главната поента е дека силната држава не се гради врз поединци, туку врз стабилен и праведен систем.
„Добрата држава не се потпира на добри луѓе, туку на добри закони“, наведува Миноски, потенцирајќи дека Македонија има потреба од длабоки, храбри и системски реформи.
Тој оценува дека проблемот не лежи во недостиг на способни луѓе, туку во отсуство на функционален систем во кој законот ќе важи подеднакво за сите. Без вистинско владеење на правото, нагласува, не може да се изгради силна и просперитетна држава.



