Започна Рамазанскиот пост – месец на духовно прочистување и воздржаност
19/02/2026 10:06
Верниците од исламска вероисповед рано изутринава го започнаа Рамазанскиот пост, кој ќе трае 29 дена и ќе заврши на 20 март, кога се одбележува Рамазан Бајрам.
Во текот на Рамазан, верниците се воздржуваат од јадење и пиење од изгрејсонце до зајдисонце. Постот претставува еден од петте столбови на исламот и е задолжителен за сите полнолетни и здрави муслимани.
Според исламската традиција, Рамазан е месецот во кој првите стихови од Куранот му биле објавени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1.400 години. Освен физичката воздржаност, верниците се повикуваат и на духовно прочистување, избегнување на лоши зборови и дела и посветеност кон молитва и добротворство.
Обврската за пост не важи за болните лица, бремените жени, како и за оние кои извршуваат тешка физичка работа.
По завршувањето на постот, на 20 март започнува тридневното празнување на Рамазан Бајрам, кога семејствата се собираат на свечена трпеза и се посетуваат роднини и пријатели.
Рамазан е деветтиот месец од исламскиот календар. Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник и 20 март (петок) ќе биде неработен ден за сите граѓани.






