ОЈО-ГОКК: Разбиена нарко група шестмина под истрага за шверц на Марихуана кон Србија
20/02/2026 16:13
Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против шест лица осомничени за кривичното дело „Неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори“.
Истрагата е покрената врз основа на докази обезбедени од Министерство за внатрешни работи, како и документација доставена преку меѓународна правна помош од Јавно обвинителство за организиран криминал на Република Србија.
Според наредбата, осомничените во текот на 2025 година до крајот на јануари 2026 година се здружиле со цел организирана продажба и транспорт на кокаин и марихуана. Секој член на групата имал прецизно утврдена улога во преземањето, складирањето и транспортот на дрогата наменета за нелегален пазар.
Двајца од осомничените, против кои паралелно постапуваат и српските органи, во договор со првоосомничениот, сопственик на правно лице од Скопје, организирале набавка и повеќекратен транспорт на марихуана од земјава кон Србија со товарни возила.
Во декември 2025 година, по насоки на првоосомничениот, бил спакуван сув цвет од канабис во вкупна количина од 8.832 килограми, набавен од правно лице од Струмица. Во рок од две недели биле подготвени над 200 кутии, по што вработените биле испратени на колективен одмор.
На 13 јануари 2026 година, според истрагата, дрогата била транспортирана од објект во Скопје до локација во атарот на Свети Николе, а потоа извршен бил претовар во село Сарамзалино. Товарното возило продолжило кон граничниот премин Табановце и ја напуштило државата.
Следниот ден, во раните утрински часови, пратката била растоварена во објект на правно лице од Крушевац, обезбеден од лица опфатени со истрага на српското обвинителство.
Јавниот обвинител оцени дека постои опасност од бегство и влијание врз постапката, поради што до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување притвор од 30 дена за двајца осомничени.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата со цел целосно расчистување на случајот и идентификација на останатите инволвирани лица.





![Пoднeceн oбвинитeлeн aкт пpoтив ocyм лицa, пpипaдници нa ИCИC policija-mk-777x437-225346[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/policija-mk-777x437-2253461.jpg)
