MKinformer

your daily dose of news

(Видео) Кина се фали со хуманоидни роботи, а германскиот канцелар Мерц воодушевено гледа

26/02/2026 22:42

Германскиот канцелар Фридрих Мерц за време на посетата на Пекинг беше забележан како внимателно го следи настапот на десетици кинески хуманоидни роботи, кои демонстрираа напредни способности – од синхронизирани движења и кунг-фу техники, до салта и мечување.

Настапот на роботите, кој брзо го обиколи светот преку социјалните мрежи и медиумите, дополнително го засили впечатокот дека Кина забрзано напредува во областа на роботиката и вештачката интелигенција. Западни медиуми оценуваат дека 2026 година би можела да биде пресвртна, во која Пекинг ќе го преземе глобалното водство во развојот на вештачката интелигенција.

Посетата на Мерц на Пекинг има и силна економска димензија. Во понеделникот тој изјави дека Кина планира да нарача до 120 авиони од Airbus. По средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг, германскиот канцелар оцени дека договорот ќе претставува значаен чекор во продлабочувањето на економските односи меѓу двете земји, пренесе германскиот магазин Der Spiegel.

Мерц додаде дека постои можност и за други договори со германски компании, иако дел од нив сè уште не се финализирани. Воедно предупреди дека трговскиот дефицит меѓу Германија и Кина надминува 80 милијарди евра, што, според него, претставува предизвик за долгорочната рамнотежа во билатералната трговија.

Демонстрацијата на напредните хуманоидни роботи во Пекинг се одвива во момент кога технолошката конкуренција меѓу големите сили станува сè поинтензивна, а вештачката интелигенција е во фокусот на глобалната економска и геополитичка сцена.

error: Содржината е заштитена од копирање !!