Кристијано Роналдо стана ко-сопственик на шпанскиот клуб Алмериаја
27/02/2026 0:00
Фудбалската ѕвезда Кристијано Роналдо стана ко-сопственик на шпанскиот клуб Унион Депортива Алмерија, кој настапува во Втората дивизија. Договорот е реализиран преку неговата компанија CR7 Sports Investments, а износот на инвестицијата засега не е јавно објавен.
Според официјалното соопштение, Роналдо стекнал 25 отсто од акциите на андалузискиот клуб, што претставува значаен чекор во проширувањето на неговото глобално инвестициско портфолио.
„Отсекогаш сум сакал да придонесам за фудбалот надвор од теренот. Алмерија има солидна основа и јасен потенцијал за раст. Многу сум возбуден што ќе соработувам со раководството за да ја поддржам следната фаза од развојот на клубот“, изјави Роналдо.
Претседател на Алмерија е саудискиот бизнисмен Мохамед Ал-Хереџи, кој го нарече Роналдо „најдобриот играч на сите времиња“ и изрази надеж дека Португалецот би можел во иднина и да заигра за клубот.
„CR7 Sports Investments“ е новоформирана подружница на групацијата CR7 SA, наменета за управување со инвестициите на напаѓачот на Ал-Наср, кој во кариерата настапуваше и за Реал Мадрид, Манчестер јунајтед и Јувентус.
Алмерија моментално се наоѓа на третото место во Втората шпанска дивизија и се бори за промоција во највисокиот ранг на натпреварување. Со вклучувањето на Роналдо во сопственичката структура, клубот очекува дополнителен маркетиншки и финансиски импулс во амбициите за враќање во Ла Лига.






