Еден милион евра за чартер-летови за евакуација на Македонците од Блиски Исток
05/03/2026 15:30
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија информира дека безбедноста на македонските граѓани останува највисок приоритет на Владата, додека институциите продолжуваат со координирани активности за евакуација на државјаните од погодените подрачја.
Од Министерството посочуваат дека, согласно заклучок на Владата, е започната постапка за јавна набавка за организација на чартер-летови со цел обезбедување безбедна евакуација.
„Во таа насока ја информираме јавноста дека е започната постапка за јавна набавка за организација на чартер-летови за евакуација на македонски државјани“, велат од МНР.
Имајќи ја предвид итноста и променливата безбедносна состојба, постапката ќе се спроведе согласно Законот за јавни набавки, со примена на скратени рокови предвидени за вакви ситуации.
За реализација на оваа услуга се предвидени средства во износ до 60 милиони денари, обезбедени во буџетот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Од МНР додаваат дека, во зависност од конечниот број на пријавени македонски државјани и бројот на чартер-летови што ќе се реализираат, можно е да биде искористен само дел од предвидениот износ.






