За да си замине порано од работа, вработен во РЕК Осломеј лажно пријавил бомба
05/03/2026 16:41
Полициски службеници од Полициското одделение Осломеј го лишиле од слобода 44-годишниот Р.Б. од Кичево, кој е вработен во РЕК Осломеј, поради лажно пријавување бомба.
Како што информираат од Министерство за внатрешни работи, на 05.03.2026 година во 02:25 часот, Р.Б. испратил порака до својот шеф во која навел дека има сознание оти во еден оддел во РЕК „Осломеј“ е поставена бомба.
По пријавата, полициски службеници веднаш презеле мерки и во соработка со обезбедувањето извршиле проверки во објектот, при што било утврдено дека нема поставено експлозивна направа и дека станува збор за лажна дојава.
По преземените активности, лицето било пронајдено во викенд-куќа во кичевското село Осломеј и било лишено од слобода во 03:30 часот.
При разговор со полицијата, Р.Б. признал дека пријавата била лажна и дека ја измислил за да може порано да си замине од работа.
Тој е задржан во Полициската станица во Кичево и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.






