MKinformer

your daily dose of news

Мицкоски: Нема кризна состојба за горивата, опозициските предлози се несериозни

11/03/2026 16:53

Владата засега нема да прогласи кризна состојба поради поскапувањето на нафтените деривати, а премиерот Христијан Мицкоски порача дека во моментов не постои потреба од таков чекор.

Одговарајќи на новинарски прашања за растот на цените на горивата, Мицкоски изјави дека предлозите на опозициските партии СДСМ и ДУИ за намалување на акцизата и ДДВ-то се несериозни, непрецизни и економски неодржливи. Според него, ваквите идеи не нудат реално решение, туку претставуваат политички обид за создавање притисок во јавноста.

Премиерот нагласи дека и покрај новото поскапување, Македонија и натаму има една од најниските цени на дизелот во регионот. Тој посочи дека во земјава литар дизел се продава за 1,39 евра, додека во соседните држави цените се повисоки, што дополнително создава притисок во пограничните места поради зголемен број возачи од соседството кои точат гориво во Македонија.

Според него, токму поради тоа на одредени бензински станици во некои делови од државата повремено доаѓа до побрзо трошење на залихите, но уверува дека снабдувањето е стабилно и дека нема опасност од недостиг на нафта и нафтени деривати.

Мицкоски истакна дека Државниот пазарен инспекторат е постојано на терен и ја следи состојбата, додека Владата е во комуникација со дистрибутерите и компаниите што го снабдуваат домашниот пазар.

Тој додаде дека движењата на светските берзи веќе покажуваат знаци на смирување, посочувајќи дека цената на суровата нафта, која вчера достигнала околу 120 долари за барел, денеска се движи околу 90 долари. Владата, рече премиерот, ќе реагира зависно од натамошниот развој на состојбата.

Во однос на можниот ефект врз цените на другите производи, Мицкоски најави средба со сопствениците на синџирите супермаркети и хипермаркети. Целта, како што рече, е да се спречи евентуален бран на нови поскапувања и дополнителен удар врз семејниот буџет на граѓаните.

Тој порача дека Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државниот пазарен инспекторат внимателно ќе го следат однесувањето на трговците, а Владата ќе постапува согласно состојбата на терен.

Според Мицкоски, приоритет на Владата останува заштитата на животниот стандард и одржување на стабилноста на пазарот во услови на зголемен притисок врз цените.

error: Содржината е заштитена од копирање !!