Србија ги намали акцизите за горивата: дизелот и бензинот поевтинуваат за околу 15 динари
13/03/2026 11:46
Српската Влада донела одлука за намалување на акцизите за нафтените деривати за 20 отсто. Со ова, горивата во Србија од денеска ќе се продаваат по пониски цени.
Според најавите, акцизата за дизелот од 74,04 динари по литар се намалува на 59,23 динари. Тоа значи поевтинување од 14,81 динари по литар.
Намалување има и кај бензинот. Акцизата од 72 динари по литар се спушта на 57,6 динари, што е пониско за 14,4 динари.
Практично, тоа значи дека дизелот и бензинот во Србија ќе бидат поевтини за околу 15 динари по литар. Во македонска вредност, тоа е околу осум денари.
Мерката е привремена
Одлуката е со ограничен рок. Таа почнува да важи од денеска и ќе трае до 15 април 2026 година.
Со оваа мерка, српските власти се обидуваат да го намалат притисокот врз граѓаните и пазарот во време на раст на цените на енергенсите.
Претходно беше забранет извозот
Пред ова, Владата на Србија донесе и одлука за привремена забрана за извоз на нафта и нафтени деривати. Таа мерка важи до 19 март.
Со ваквите чекори, Белград се обидува да обезбеди стабилност на домашниот пазар и да спречи дополнителен ценовен удар.





