Приведени 16 возачи за безобѕирно возење, 11 биле без возачка дозвола
21/03/2026 20:13
Во текот на изминатото деноноќие, полициски службеници на територијата на целата држава лишиле од слобода 16 возачи поради безобѕирно управување со возило, информира Министерството за внатрешни работи.
Од нив, 11 возачи управувале возило без положен возачки испит, двајца возеле и покрај тоа што имале активна забрана за управување, а тројца биле затекнати како управуваат под дејство на алкохол.
Во Скопје, пет лица биле фатени како возат без возачка дозвола, а по еден таков случај бил евидентиран во гостиварско, Македонски Брод, Градско, Росоман, Велес и Чашка.
Дополнително, по едно лице во Кавадарци и Демир Хисар управувале возило иако имале активна забрана. Во меѓувреме, по еден возач во Неготино, Свети Николе и на граничниот премин Блато биле лишени од слобода поради возење под дејство на алкохол.
Од МВР соопштија дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Воедно, од Министерството упатија апел до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана за возење или под дејство на алкохол.
Надлежните потенцираат дека само со одговорно однесување може да се придонесе за побезбеден сообраќај на патиштата.





